Николов: Имавме три добри натпревари во септември, сега само тие игри да ги заокружиме со победа!

Фудбалерот од средниот ред Бобан Николов вели дека желбата кај сите репрезентативци во октомвриските квалификациски дуели против Лихтенштајн и Германија е да се дојде до победи, како заокружување на квалитетните игри во септемвриски натпревари.

Секако, Лихтенштајн иако е аутсајдер ниту најмалку не смее да се потцени…

„Мора да пристапиме максимално агресивно на дуелот со Лихтенштајн, исто како и на оној против Германија. Гледате што се случува во европскиот фудбал, па мора да бидеме максимално фокусирано ако сакаме победа. Факт е дека сме поквалитетни но мора тоа да го покажеме на терен. Лихтенштајн е сериозен противник, на Ерменија и зеде бод, а со Романија го гледав натпреварот и имаа навистина неколку 100% шанси на 0-0. Сепак, ако одиграме како знаеме и умееме мислам дека нема да има проблем за победа“ – вели Николов, веднаш дополнувајќи:

„Ни недостасува само победа за да со далеку поголема самодоверба продолжиме во финишот од квалификациите. Не мора јас да постигнам гол, но важно да победиме. Секој селектор си има свои идеи. Јас добро го познавам селекторот Милевски со кого соработувавме пет години во младата репрезентација. Имавме добри одиграни три натпревари во септември, и се надевам дека тие добри игри сега ќе ги заокружиме со победа. Мое мислење е дека кај сите репрезентативци има огромна желба за успех. Знаеме колку се важни овие два натпревари и ќе дадеме максимум за успех. Многу ќе ни недостасува Барди, знаеме дека е еден од нашите главни играчи но ќе се обидеме да го надополниме неговото отсуство“.

Се вчитува...