Николов: Овој тим има квалитет да се пласира на Европското првенство

Македонската фудбалската репрезентација до 21 година во следните денови ќе биде во Анталија каде ќе одработи три контролни натпревари против селекциите на Летонија (23. март), Финска (25. март) и Словачка (28. март) како дел од подготовките за квалификациите за пласман на Европско првенство 2025 година.

Во пресрет предизвиците во Анталија, но и во квалификациите свое видување даде стандардниот член на младата репрезентација Иван Николов. Фудбалерот на Брегалница вели дека тимот поседува квалитет и во него владее позитивна атмосфера која треба да биде клуч за исполнување на амбицијата – пласман на континенталниот собир, а престојните контролни натпревари треба да се искористат како добар вовед во нив.

„Контролните мечеви во Анталија се одлична можност за што подобро да се подготвиме за предизвикот што не очекува во септември, односно почетокот на квалификациите за пласман на Европско првенство. Што се однесува до самата група од квалификациите, јасно е дека во денешно време нема лесно противници, но оваа наша група на фудбалери поседува голем квалитет и заедништво, имаме големи очекувања, сакаме да оствариме нешто големо и да избориме пласман на Европско првенство. Имаме серија на потивни резултати на последните натпревари, што ни дава дополнителен мотив дека можеме да одиграме добри квалификации.

Идеме чекор по чекор, не очекува уште многу работа до почетокот на квалификациите, моментално е најбитно овој подготвителен период во Анталија да го искористиме на најдобар можен начин, да ја унапредиме нашата игра за да можеме максимално подготвени да го дочекаме почетокот на квалификациите.

Првиот меч во Анталија го играме против Летонија, селекција со високи и снажни фудбалери која игра доста тврд фудбал. Ние сме поквалитетна селекција од нив, но тоа ќе мора да го покажеме на терен. Се надевам дека ќе продолжиме со одличната игра и позитивната серија на резултати.

Атмосферата во самиот тим е одлична, се познаваме меѓусебно многу добро, со оглед на тоа што поголемиот дел од фудбалерите бевме дел и од репрезентацијата на Македонија до 19 години. Убеден сум дека со голема пожртвуваност, борба и желба за надигрување можеме да оствариме добри резултати“, вели Николов.

Се вчитува...