Николов: Тешкиот период ни даде верба дека можеме да се справиме со секоја лоша ситуација

МЗТ Скопје ќе има шанса да докаже својата домиација во мак-баскетот во последната деценија откако „сино-белите“ се најдоа и во деветтото последователно финале. Противник за составот од Аеродром ќе биде преискусниот тим на Еуро Никел со кој „штрковите“ одиграа два различни натпревари оваа сезона.

На патот до финалето аеродромци се сретнаа со Куманово и Пелистер, а за разлика од полуфиналната „метла“ против „зелено-белите“, МЗТ Скопје се намачи против Куманово. Избраниците на Радуловиќ играа „мајсторка“, која ја добија благодарение на фантастичниот финиш во кој надокнадија двоцифрена негатива, изборија продолжение, а продолжија во истиот ритам и во дополнителните пет минути.

„Сезона со многу подеми и падови, но мислам дека конечно фативме некој ритам и го прикажуваме тоа и на изминатите натпревари. Тешкиот период направи да веруваме дека можеме да излеземе од секоја лоша ситуација. Атмосферата е одлична, играме финале во кое ќе дадеме се од себе да дојдеме до двојната круна. Знаеме дека ќе биде тешко, но ќе дадеме се од себе серијата да се одвива во наша полза“, вели за ЕКИПА, Кристијан Николов.

За репрезентативниот бек ова ќе биде прво сениорско финале во македонскиот баскет па мотивацијата за двојна круна е уште поголема.

„Мотивацијата е голема со самото тоа што сме во финале, се надевам дека ќе го кринисаме целиот наш труд со титула, а и јас ќе стигнам до првата во Македонија“, додава Николов.

Првиот натпревар од финалната серија ќе биде одиран утре со почеток од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“, а серијата ќе продолжи веќе во петок со натпреварот во Гевгелија каде Еуро Никел ги игра домашните натпревари во разигрувањето за титула.

Се вчитува...