Николов за ЕКИПА: Пред три недели имав пукнатина на коска, се вратив уште посилен и пресреќен сум за голот

Во фокусот на вниманието на македонската фудбалска јавност во текот на вчерашниот ден е Бобан Николов. Фудбалерот на Шериф вчера успеа да постигне гол за својот тим, и да донесе еден бод против Шахтјор на натпреварот кој се играше во Киев. Николов влезе во 46. минута, одигра и погоди, а неговиот тим избегна пораз на трет натпревар во Лигата на шампионите. „Аутсајдерот“ од Молдавија е најпријатното изненадување, затоа што како дебитант успеа да избори место во Лигата на Европа, иако многумина во група со Реал Мадрид, Интер и Шахтјор му предвидуваа катастрофа од невидени размери, последно место и многу примени гола.

Меѓутоа наместо тоа, Шериф дома го совлада Шахтјор, а потоа и историската победа над Реал Мадрид на „Бернабе“, што е најголем триумф во историјата на молдавскиот фудбал.

Бобан Николов во изјава за ЕКИПА вели дека пред само три недели имал пукнатина на коската, не знаел ни дали ќе биде подготвен да игра во завршните натпревари во Лигата на шампионите, но дека се вратил и тоа на најдобар можен начин.

„Што да кажам, пресреќен сум. Секако кога ќе се даде гол во Лигата на шампионите не може да се опише чувството. Уште и на својот тим му донесов бод. Прекрасно“, вели Николов.

Долго време го немаше од терените поради повреда, но се врати, доби шанса да игра во вториот дел вчера во Киев, и на крајот успеа да погоди.

„Пред три недели бев во Белград да се лекувам. Имав пукнатина на коската на грбот, не верував ни дека ќе се вратам до крајот на натпреварите во Лигата на шампионите. Но се вратив уште посилен, и ете дојде и тој толку посакуван гол. Навистина прекрасно чувство, не можам да опишам“, рече македонскиот репрезентативец кој даде свое видување за натпреварите во Лигата на шампионите.

„Кога почнувавме во Лигата на шампионите, сите нѐ отпишаа. Не ни даваа шанса ниту за бодови, а не да поминеме понатаму. Го совладавме Шахтјор, а вечно ќе се памети онаа победа над Реал Мадрид. Потоа противниците поинаку гледаа на нас, веќе почнаа да нѐ респектираат, и следуваа три порази од фаворитите Интер и Реал Мадрид, за сега против Шахтјор да покажеме и докажеме дека заслужено сме трети и дека ќе играме во Лигата на Европа. Бајката во Европа и натаму трае и јас сум многу среќен поради тоа. Нема да играме епизодна улога ниту во Лигата на Европа. Ќе се бориме со секој противник. Сега сите слушнаа за нас“, заврши Николов.

Сега следува уште еден меч за Шериф со Цимбру, а потоа и заслужена пауза. Во понеделник се чека ждрепката и надеж за противник по мерка кој ќе овозможи Николов и неговиот тим да направат уште некој добар резултат во Европа.

Се вчитува...