Николов загуби дома од АЕК, Адеми со „активно реми“ од Швајцарија

Бобан Николов и Мол Види имаат само теоретски шанси за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите откако на првиот меч од плејофот на домашен терен загубија од АЕК со 1-2. Клучен момент беше исклучувањето на Хушти кон средината на првото полувреме, по што гостите од Грција со играч повеќе постигнаа два гола и обезбедија огромна предност. Данко Лазовиќ со убав гол само го ублажи поразот, но јасно е дека сега унгарскиот првак го очекува невозможна мисија, да слави со два гола разлика на жешкиот терен во Атина. Николов повторно беше стартер за Мол Види, но беше повлечен од игра во 54. минута кога на негово место влезе Шчеповиќ.

Аријан Адеми е многу поблизу до европската елита откако Динамо Загреб вечерва ремизираше 1-1 на гостувањето против Јанг бојс. Швајцарците први поведоа во 2. минута, потоа промашија и неколку шанси за втор гол, но ситуацијата се промени откако Оршиќ од контранапад израмни на 1-1 пред крајот на полувремето. Динамо беше и поблизу до триумф, а најубавата шанса ја пропушти Хајровиќ, чиј удар заврши само во дирекот од голот на Јанг бојс.

Ајакс ја искористи предноста на домашниот терен и го совлада Динамо Киев со 3-1 со головите на Де Бек, Зијеч и Тадиќ.

Се вчитува...