Нишикори потклекна и пред Тим, Федерер е на чекор до полуфинале

Кеи Нишикори по фантастичната победа на стартот над Роџер Федерер сега го нанижа и вториот пораз во серија, што значи и губење на сите шанси за пласман во полуфиналето од АТП-шампионатот во Лондон. Јапонецот со победа можеше да му ги искомпликува животот на Федерер во битката за полуфиналето, но поразот од 1-6, 4-6 од Доминик Тим беше кобен за Јапонецот, кој ќе го освои последното место во својата група.

Притисокот што го носеше евентуалната победа очигледно сериозно влијаеше врз изданието на јапонскиот тенисер, кој по убедливиот пораз од Андерсон повторно делуваше очајно. Тим од самиот почеток доминираше, го доби првиот сет со 6-1, потоа на средината од вториот направи брејк и заслужено славеше, прва победа на Австриецот на овој шампионат.

Во последниот меч од групата „Лејтон Хјуит“ вечерва Федерер ќе се сретне со Андерсон, победникот ќе го освои првото место во групата, а Швајцарецот дури и со пораз (доколку не биде катастрофален) од 0-2 во сетови би се нашол во полуфиналето. Поточно, на Федерер му се доволни вкупно шест гејма во два сета за да го осигура второто место во групата, но јасно е дека големиот ас ќе оди на триумф со кој би стигнал до првото место, што најверојатно ќе значи и избегнување на Новак Ѓоковиќ за ривал во полуфиналето.

Се вчитува...