Нишка Наиса со македонски адут против ЖРК Пелистер во Челинџ купот

ЖРК Пелистер за следен противник во Челинџ купот ја доби екипата на Наиса од Ниш за која настапува македонската репрезентативка Симона Стојановска.

Летово Стојановска се пресели од полскиот Погон Шчечин во Наиса и се покажа како едно од клучните засилувања во нишката екипа, во домашното првенство и во настапите во Челинџ купот.

Наиса обезбеди пласман во осминафиналето на ова европско натпреварување со две победи против португалската екипа СИР де Мајо со 28-17 и 30-23. Следна е осминафиналната пресметка со ЖРК Пелистер во која според Стојановска, решавачко ќе биде искуството на српската екипа.

Според првите реакции што ги видов, во Пелистер се надеваат дека може да ја поминат Наиса. Мислам дека ќе бидат добри натпревари и јас верувам дека ние ќе ги добиеме и двата. Поискусни сме и подобро подготвени и мислам дека тоа ќе биде решавачко, иако верувам дека во подготовките пред натпреварите ќе има и подетална анализа на играта. Нема да биде лесно, но верувам дека ќе го поминеме Пелистер и ќе се пласираме во четвртфиналето од Челинџ Купот“ – вели Симона Стојановска.

Осминафиналните натпревари во Челинџ купот се играат на 2 и на 9 февруари наредната година. Пелистер во Битола ќе биде домаќин на првиот натпревар, а реваншот ќе се игра во Ниш.

Се вчитува...