Ништо од Џеко, но Интер преговара со пет голгетери

Интер му ја исполни желбата на Антонио Конте купувајќи го Ромелу Лукаку од Манчестер Јунајтед, но „нероаѕурите“ не успеаја во идеајата да го ангажираат и Един Џеко од Рома, за да додадат дополнителен квалитет и искуство во својот ростер. Трофејниот стратег на располагање покрај Лукаку го има само уште Лаутаро Мартинез (Икарди не е дел од неговите планови), а Конте веќе му соопштил на директорот Марота дека очекува уште еден напаѓач до крајот на преодниот рок.

А Марота е подготвен да ја исполни и оваа желба на својот тренер, па веќе се остварени контакти за ангажман на пет голгетери, од кои еден би требало да пристигне на „Џузепе Меаца“ до крајот на август. Фернандо Љоренте е слободен играч и би дошол без отштета, воедно и не би правел проблеми за улогата на резерва на која е навикнат во последните сезони. Аркадиуш Милик исто така е една од опциите, но тој би дошол во Милано само доколку биде постигнат договор за Икарди да се пресели во Наполи.

Тимо Вернер е интересна опција за Интер, германскиот ас може да игра како крилен офанзивец или како класичен напаѓач, а поради фактот дека е влезен во последната година од својот договор сега Лајпциг би го продал и за сума од 30 милиони евра. Покрај овие тројца, се споменуваат и Алексис Санчез и Анте Ребиќ, па интересно ќе биде да се види чиј трансфер од овие пет ќе биде договорен, за Интер дополнително да се засили за новата сеззона.

Се вчитува...