Ниту ВАР не помогна: Русите сами се победија, Перез де Варгас херој на Шпанија

Шпанија го задржа стопроцентниот ефект на ЕП 2022 откако „црвената фурија“ попладнево славеше над селекцијата на Русија со 26-25. Триумфот беше многу потежок од очекувањата, а руските ракометари имаат за што да жалат ако се знае дека беа многу блиску до сензација, но со сопствени грешки му помогнаа на противникот да се врати и да направи целосен пресврт. Русите имаа можност да ја прекинат серијата од 16 победи на Шпанија на европските првенства кога им беше досуден пенал во последната секунда, но Сорока не беше прецизен од седум метри, за нов триумф на „црвената фурија“.

Првото полувреме мина во апсолутно израмнета борба, при што Шпанците заминаа на одмор сo минимално водство од 12-11. Почетокот од второто полувреме мина во знакот на Русите, кои благодарение на голманот Киреев и на одличниот Санталов во нападот стигнаа и до предност од четири гола. Шпанскиот селектор го уфрли Перез де Варгас на голот на местото на Коралес, а асот на Барселона донесе пресврт со шест интервенции за помалку од петнаесет минути игра колку што мина на теренот. Русите и самите имаа неколку загубени топки, овозможувајќи им на шпанските ракометари да се вратат. Шишкарев почетнички погреши со лошо додавање при „минус еден“ на една минута до крајот, Русија сепак доби шанса за израмнување, по што Шишкарев се обиде од крило, но Де Варгас го запре неговиот обид.

Данските судии покажаа крај на мечот, но неколку минути подоцна се премислија и со ВАР ја прегледуваа снимката поради контактот меѓу Фернандез и Шишкарев, па иако стануваше збор за минимален допир беше донесена одлука да биде досуден пенал. Драмата кулминираше кога Сорока застана на линијата од седум метри, но неговиот удар заврши во дирекот, за огромна радост на Шпанците и агонија за руските ракометари.

Касадо со седум гола ја предводеше Шпанија до победа, додека во рускиот табор покрај одличниот голман Киреев и неговите 15 одбрани се истакна и Санталов, кој беше стрелец на шест погодоци.

Се вчитува...