Нокаутот-патот до Келн: Пеколно за Кил, лесно за Барса

Со победата на Порто над Елверум и официјално беше ставен крај на групната фаза од Лигата на Шампионите во ракомет, по што согласно промената во правилата сите 16 екипи од елитното натпреварување автоматски се пласираа и во нокаут-фазата. Веќе е составен и целокупниот костур на натпревари за осминафиналето и четвртфиналето, по што ќе бидат познати четирите патници на фајналфор турнирот во Келн.

Европскиот првак Кил ќе има пеколно тешка задача да ја одбрани круната, „зебрите“ во осминафиналето ги очекува двомеч со Пик Сегед, а доколку се пласираат во четвртфиналето таму најверојатно ќе ги очекува ПСЖ, кој е огромен фаворит на дуелот со Целје.

За разлика од Кил, лесна задача би требало да имаат ракометарите на Барселона, кои имаа перфектен ефект во групната фаза. Барса е суперфаворит против Елверум во осминафиналето, а каталонците не би требало да имаат проблеми ниту во четвртфиналето, каде ќе се сретнат со подобриот од дуелот Мотор – Брест Мешков.

Од македонските репрезентативци, Никола Митревски со Порто ќе се сретне со Алборг од Данска. Доколку го минат осминафиналето, Митревски и соиграчите во битка за Ф4 ќе се сретнат со подобриот од дуелот Фленсбург – Загреб.

Кире Лазаров и Нант во осминафиналето за ривал го добија Киелце, а доколку го минат полскиот првак за ривал во следната рунда ќе го имаат подобриот од двомечот Вардар – Веспрем.

Се вчитува...