Номе Калју прва етапа од летното европско патување на Шкендија

Македонскиот првак Шкендија од денеска влегува во европските предизвици со дуелот против естонскиот Номе Калју. Воведниот натпревар од првото квалификациско коло во фудбалската Лига на шампионите, тетовскиот тим го игра на противнички терен. Шкендија е во фаворитска позиција, а ако успешно го мине овој двомеч ќе оди на две пресметки со подобриот од дуелот меѓу Селтик и Сараево.

„Го анализиравме противникот и подготвени сме за првиот предизвик. Го респектираме Номе Калју, но свесни сме за сопствениот квалитет и веруваме во позитивен епилог. Естонскиот тим несомнено поседува квалитет, имаат одличен среден ред и посебно се опасни по левата страна. Посветени сме на нашето издание и очекуваме поволен резултат“ – рече пред натпреварот тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.

Номе Калју нема забележителни резултати на европска сцена.  Најуспешна сезона за клубот е 2013/14 кога беше дел од плеј-офот на УЕФА Европа Лигата, а беше елиминиран од Дњипро.

„Натпреварите на европска сцена се секогаш потешки од оние во домашниот шампионат, но, сепак, квалитетот речиси секогаш пресудува. Мислам дека Шкендија е поквалитетен тим, максимално сме мотивирани и фокусирани и веруваме во успех“ – вели  Арменд Алими.

Минатата сезона Шкендија не успеа да влезе во групната фаза од УЕФА Европа лигата, беше елиминирана од Розенборг во плеј-оф рундата откако претходно квалификациите за Лигата на шампионите ги заврши во третото квалфикациско коло по неуспешниот двомеч со Салцбург.

Се вчитува...