Норвешкото „чудо од дете“ ќе игра едно полувреме против Македонија

Мартин Одегард важи за бисер на норвешкиот фудбал, но селекторот на оваа репрезентација, Швеѓанецот Ларс Лагербек, е решен да не му дава статус на ѕвезда на асот на Реал Мадрид, кој веќе втора сезона настапува на позајмица во холандски Херенвен. Впрочем, Лагербек за првпат откако е селектор реши да го повика Одегард во составот токму за дуелот против Македонија, на кој талентираниот играч за врска ќе има лимитирана минутажа и речиси сигурно нема да одигра повеќе од едно полувреме.

Сите знаеме дека е голем талент, разговаравме малку околу моите тактички замисли за него. Го гледав во Херенвен каде играше по десната крилна позиција, мојата идеја е во репрезентацијата да игра поцентрално, за да биде повеќе вклучен во играта. Како и да е, минутажата ќе му биде лимитирана бидејќи веднаш по мечот во Скопје ќе замине со младинската репрезентација, за да помогне на квалификацискиот натпревар против Ирска“ – изјави Лагербек.

Одегард последен пат настапи за сениорската репрезентација на Норвешка пред една и пол година, во победата од 2-0 над Финска.

Неколкуте откажувања во последен момент сигурно ќе влијаат врз квалитетот на играта на Норвешка, но селекторот на оваа репрезентација сепак има доверба во оние кои ќе настапат.

Таква е ситуацијата, некои се откажаа но шанса ќе добијат оние кои вообичаено играат поретко. Ако немаме нови проблеми со повреди во следните денови убеден сум дека ќе прикажеме добра игра во Скопје“ – порача норвешкиот селектор.

Се вчитува...