Нов англиски рекорд: Грилиш потпишува за Манчестер Сити за 100 милиони фунти

Џек Грилиш ќе стане најскап фудбалер во историјата на Премиер-лигата откако Манчестер Сити постигна договор со Астон Вила, да плати 100 милиони фунти за услугите на англискиот репрезентативец.

Преговорите траат подолго време, но се интензивираа во последните 48 часа, откако Пеп Гвардиола побара од управата на свој клуб што поскоро да ги донесе фудбалерите што тој ги посакува во Сити. Според весникот „Дејли Мејл“, работата за Грилиш е завршена откако Сити се согласил да плати 100 милиони фунти, сума што Астон Вила ја бараше од почетокот на разговорите. Трансферот според истиот извор ќе биде официјализиран на самиот почеток од следната седмица, откако Грилиш ќе ги мине лекарските прегледи во Манчестер.

Следен на листата со желби е Хари Кејн, но тој трансфер е многу потешко остварлив бидејќи Тотенхем не сака ни да чуе за разделба од својот капитен. Голгетерот јавно побара да му биде дозволено да си замине, но „спарси“ веќе одбија неколку понуди. Се шпекулира дека Сити ќе понуди вкупно 150 милиони фунти (пари плус еден до двајца играчи) за да го убеди Даниел Леви на преговори, но многу поголема е веројатноста дека Кејн ќе остане уште една година во „спарси“ пред да ги смени клупските бои.

Се вчитува...