Нов бунт на клубовите: Или лиценци по стари цени или не играме кошарка!

Кошаркарските прволигаши отворија нов фронт со раководството на Македонската Кошаркарска Федерација, преку соопштение порачувајќи дека немаат намера да бидат дел од натпреварувањата под капата на МКФ (Првата лига и Купот на Македонија) доколку не биде задоволено нивното примарно барање – цените на лиценци за странци да останат исти – 250 евра кои се плаќаат кон ФИБА и ниту денар кон матичната федерација.

Ова е клучната порака пратена преку соопштението на Здружението на прволигаши, откако ова тело попладнево едвај собра кворум, за неколку часа потоа да испрати цврста и едногласна порака.

Во него меѓу другото се наведува дека дури и клубовите кои не се суспендирани (шест од вкупно десетте прволигаши) цврсто го поддржуваат овој став и нема да играат на претстојните натпревари од Купот на Македонија (закажани за 1 февруари), а потоа и во следното коло од Првата лига.

klubovi soopstenie

Ваквиот развој на настаните е навраќање на стариот проблем и војната што клубовите ја имаа со претседателот Петар Наумоски. Тогаш по долги разговори, караници и негодувања тие го прифатија новиот тарифник, за возврат добивајќи закажување на Вонредно Собрание. Откако смената на претседателот што повеќето прволигаши ја посакуваа не се случи, Наумоски побара почитување на договореното и наплата на парите за лиценци за странци.

Шест од прволигашите ги исполнија договорените обврски, а незадоволството на четирите кои не платија и се суспендирани сега се користи за бран од ново незадоволство од работата на актуелното претседателство.

Во соопштението се наведува и подготвеност за нов состанок со Петар Наумоски, но тешко е да се поверува дека нешто конкретно може да се смени меѓу двете страни со дијаметрално спротивни ставови – првиот човек на МКФ цврсто решен дека токму зголемените цени на лиценци за странци се вистинскиот начин да се посвети поголемо внимание на домашните играчи, и клубовите кои не ги прифаќаат неговите аргументи барајќи да останат цените кои важеа до минатата сезона.

Се вчитува...