Раководството на Спортинг Лисабон е задоволно од настапите на Стефан Ристовски, па македонскиот репрезентативец ќе добие продолжување на договорот под подобри финансиски услови од оние што ги има со актуелниот договор со португалскиот гигант. Весникот „О Жого“ открива дека во договорот на Ристовски има клаузула што му овозможува на клубот да ја продолжи соработката со фудбалерот, но таа мора да се активира најдоцна до април 2020 година.
Ристовски се мачеше со незгодна повреда, но откако се врати во топ-форма и заигра одлично во дресот на Спортинг, за раководството на клубот веќе нема дилеми дека Македонецот уште долго ќе остане во Лисабон. Актуелниот договор истекува во јуни 2022 година, а со активирањето на клаузулата за продолжување, Ристовски ќе биде член на Спортинг до јуни 2024 година. Според „О Жого“, тоа ќе значи и зголемување на платата на македонскиот репрезентативец, од 400.000 на 425.000 евра по сезона, плус бонуси.
Стефан Ристовски е фудбалер на Спортинг Лисабон од 2017 година, кога најпрвин дојде на позајмица од Ријека, а нешто подоцна португалскиот клуб го откупи неговиот договор со поранешниот хрватски првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА