Нов договор за Барди, со клаузула од 50 милиони евра

Одличните настапи на Енис Барди во дебитантската сезона во Примера дивизион беа причина управата на Леванте да се активира за да го задржи македонскиот репрезентативец што подолго во клубот. Информациите од Шпанија говорат дека прволигашот од Валенсија во следниот период ќе ги интензивира преговорите за продолжување на соработката со Барди, со што Македонецот би добил поголема плата, но и би се зголемила клаузулата за негово евентуално заминување.

Актуелната клаузула изнесува 25 милиони евра, а во Леванте сметаат дека Барди со уште една одлична сезона би можел да вреди многу повеќе на фудбалскиот пазар, поради што во новиот договор оваа сума ќе биде двојно поголема. Според шпанските медиуми, сегашниот договор му гарантира на македонскиот плејмејкер плата од околу 500.000 евра, со што е при дното на листата со заработувачка во Леванте. Клубот е свесен дека треба да го награди Барди и за лојалноста, откако скромниот играч за врска во неколку наврати изјави дека сака да остане во Леванте, без оглед на понудите што летово пристигнаа за негов ангажман.

Новата сезона во Примера дивизион стартува наредниот викенд, а Барди и Леванте во првото коло му гостуваат на Бетис.

Се вчитува...