Нов дуел со Исланд, што е поразлично од Минхен?

Македонските ракометари вечерва (21.45 часот) излегуваат на мегдан со Исланд во обид да му се реваншираат на противникот за поразот на клучниот натпревар од групната фаза од СП 2019. Тогаш „црвено-жолтите“ и покрај доброто прво полувреме (13-11) на крајот загубија со 22-24, не обезбедувајќи пласман меѓу најдобрите 12 светски селекции.

Овојпат влогот не е толку голем, до крајот на квалификациите има уште три кола, но и битката и тактичкото надмудрување ќе биде сосема поинаква.

1. Деби на Брестовац на клупата на Македонија

Данило Брестовац ќе има исклучително тешка задача на дебито на клупата на сениорската репрезентација. Новиот кормилар ќе треба да најде лек за цврстата исландска одбрана, но како што самиот вели – ќе настојува и Македонија да игра многу поцврсто во одбраната отколку на последното СП.

„Ќе одиме на Исланд за да се истепаме“ – истакна Брестовац на првиот собир.

Сепак, за триумф над сериозна репрезентација ќе треба многу повеќе од „добар ќотек“, особено кога на спротивната страна се има Гудмундсон, стратегот што пред три години стана олимписки шампион со Данска.

2. Нема веќе „седум на шест“

Лино Червар и Раул Гонзалес инсистираа на една иста работа – Македонија со „шест на шест“ не може да игра против „големи“ репрезентации и затоа толку се инсистираше на тактиката „седум на шест“.

Од друга страна, Брестовац не крие дека е голем противник на „седум на шест“ и децидно порача дека нема да ја користи како прва опција во нападот, како што тоа беше случај со неговите претходници. Конечно, ќе имаме можност да видиме како ќе изгледа Македонија во напад „шест на шест“. А како што е тоа веќе нормално, од утре ќе почне нова дискусија на истата тема.

3. Сигурдсон за уште посилен Исланд

Противникот е уште посилен во однос на Минхен, откако Гудјон Валур Сигурдсон се врати во националниот тим и повторно ќе биде главен адут на селекторот Гудмундсон. Левото крило на Рајн-Некар Левен поради повреда го пропушти последниот Мундијал, но иако веќе има 39 години не размислува за репрезентативна пензија. Низ годините тој беше кошмар за македонските голмани, а сигурно и вечерва ќе претставува значајно оружје на Исланѓаните во обид да стигнат до победата.

Се вчитува...