Леонардо Жардим денеска повторно доби отказ од Монако, вторпат во период од една година, и тоа само неколку дена откако „кнезовите“ го декласираа Лил со 5-1 во францускиот шампионат. Проблемот во случајов не беше резултатски, иако и пласманот на табелата не беше според очекувањата, туку бунт на фудбалерите предводени од Цеск Фабрегас.
Шпанскиот плејмејкер, кој е најплатен и највлијателен фудбалер кај управата, неколку пати го критикуваше тренерот за изборот на дефанзивците Глик и Жемерсон во стартната екипа. Португалскиот стручњак истана цврст на својот став, Фабрегас упорно притискаше, а откако Шпанецот ја доби и поддршката на најдобриот напаѓач, Висам Бен Једер, стана јасно дека Жардим нема уште долго да остане во „малото кнежевство“. Денешниот состанок на управата го означи и крајот на оваа соработка, досегашниот тренер доби отказ, а веќе е избран и новиот стратег на Монако.
Станува збор за Роберт Морено, кој до неодамна седеше на клупата на шпанската репрезентација, но доби отказ по враќањето на Луис Енрике.
Ланската смена на Жардим се покажа како огромна грешка, Анри беше големо промашување, па Португалецот неколку месеци подоцна се врати во Монте Карло. Дали е можно такво сценарио и сезонава?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА