Елиф Елмас прераснува во еден од најпосакуваните фудбалери на пазарот во летниот преоден рок, откако денеска беше обелоденето дека и Наполи се вклучил во трката за да го доведе „македонскиот дијамант“ во своите редови. Познатиот италијански фудбалски новинар, Џанлука ди Марцио, објави дека минатата ноќ во Неапол бил одржан состанок меѓу претседателот Де Лаурентис и тренерот Карло Анчелоти, на кој се дискутирало за можните трансфери во претстојниот преоден рок.
Притоа, трофејниот стратег во својата листа со желби го вклучил и Елмас, за кого „наполитанците“ во најскоро време се очекува да стартуваат и официјални преговори со челниците на Фенербахче. Фактот дека станува збор за играч достапен за сума од околу 20 милиони евра го прави Елмас интересен и за претседателот Де Лаурентис, но потешкиот дел од работата ќе биде да се договори трансферот во силната конкуренција, со оглед на фактот дека сериозен интерес за Македонецот веќе извесно време покажуваат и Интер, Лацио, Атлетико Мадрид, Тотенхем и Фиорентина. Исто така, се најавува дека во следниот период понуда за Елмас ќе испрати и Манчестер Јунајтед.
Елиф Елмас беше една од ретките светли точки на Фенербахче сезонава. Македонскиот репрезентативец настапи на вкупно 39 средби за турскиот гигант, притоа постигнувајќи три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА