Нов корона-хаос: Работнички со 16 позитивни на Covid-19

Раководството на РФМ се соочува со огромен проблем во обидот да ја продолжи Супер-лигата по вториот масовен случај на заразени ракометари во еден клуб од елитното друштво. Групата А од Супер-лигата веќе е во прекин поради 16 позитивни случаи во КЛ7, за денеска да биде обелоденето дека во скопскиот суперлигаш Работнички дури 16 членови на клубот се заболени од Covid-19.

Појавените симптоми кај дел од играчите биле причина за колективно тестирање, а резултатите биле изненадувачки за клубот, откако речиси сите ракометари биле позитивни на коронавирус. Ова автоматски ќе повлече и прекин на групата Б во следните 15 дена, а се очекува во наредниот период да бидат тестирани и ракометари на другите екипи, кои во изминатите денови играа натпревари против Работнички.

Главниот проблем е да се најде начин во кој Супер-лигата би можела да се доигра. РФМ се реши за згуснат распоред што требаше да финишира до крајот на месец октомври, нешто што сега е невозможно по прекините и во двете групи. Останува да се види каква одлука ќе биде донесена, а според неофицијалните информации не се исклучува ниту можноста за „меур“ – сите натпревари да бидат одиграни во една сала, во згуснат временски период, при што ракометарите би немале контакт со надворешноста, со самото тоа и ризик од зараза.

Се вчитува...