Нов кошаркарски бисер: Синот на Перо Блажевски постигна 46 поени, но Борец се врати од 24 поени негатива (ВИДЕО)

Додека прволигашите одмараа поради репрезентативниот собир на кошаркарските терени во Македонија активни беа второлигашите кои приредија неколку неверојатни натпревари. Еден од нив беше оној во Велес каде Борец Баскет го пречека минатогодишниот прволигаш Црн Дрим во 8. коло.

Во главна улога беше младиот Паоло Блажевски, 18-годишен син на Перо Блажевски, кој е член на МЗТ Скопје 2, но на двојна регистрација во Втората лига го носи и дресот на Црн Дрим. Младиот Блажевски одигра неверојатен натпревар во кој постигна дури 46 поени (32 од нив во првото полувреме), погаѓајќи вкупно осум тројки.

Натпреварот имаше неверојатен тек. Гостите од Струга го отворија мечот со речиси перфектен шут за три поени каде погодија седум од првите девет обиди па успеаја да го наметнат својот ритам. По првата четвртина резултатот гласеше 21-34, а до полувреме предноста се зголеми на 44-61.

Добриот ритам на гостите продолжи и во третата четвртина по што на 5:44 до крајот на истата резултатот гласеше 53-77, но домаќините не се предадоа, напротив по тајмаутот на паркетот излегоа со пет бека и заиграа пресинг по целиот терен. Тоа резултираше со бројни изгубени топки на гостите, а грешките на стружани беа експрено искористени во транзиција.

Од минута до минута предноста на гостите се топеше, а на почетокот на последната четвртина Борец Баскет стигна и до предност. На 7:33 до крајот на мечот на семафорот стоеше резултат 82-80, а моментумот на домашниот состав продолжи и до крајот на средбата за убедлива победа од 103-92.

Кај гостите се истакнаа и близнакот на Паоло, Карло Блажевски, како и Мухамед Камиловски кој погоди четири обиди за три поени, додека кај домаќините 20 поени постигна Марин Петков  а запазена улога во враќањето имаа и Теон Богатиновски и Дејан Србиновски.

Се вчитува...