Нов пораз – Работник има уште многу за учење во ЛШ

Ракометарите на Работник во седмото коло го претрпеа и шестиот пораз во рамките од Лигата на шампионите, овојпат со убедливи 36-26 на гостувањето против Спортинг Лисабон. „Фармацевтите“ можеби му парираа на португалскиот претставник на првиот меч во Битола, но овојпат Спортинг целосно доминираше на теренот, јасно покажувајќи дека македонскиот вицепрвак има уште многу да учи за да стигне до некој позначаен резултат во ЛШ, макар и во послабите групи од елитното европско натпреварување.

Средбата беше израмнета само во првите десетина минути, се играше „гол за гол“ до 4-4, а битолчани последен пат израмнија на 6-6. Следеше серија од три гола со која португалскиот вицешампион за првпат се одлепи, а Работник не успеа соодветно да парира и да се врати во мечот. Остроушко и Јотиќ презедоа голем дел од одговорноста во нападот, но одбраната не функционираше, па на одмор се замина со водство на Спортинг од 17-11. Во второто полувреме серија добри одбрани имаше Никола Митревски, но битолчани не успеаја ниту да се приближат, камоли да се вратат во натпреварот, Спортинг рутински ја одигра завршницата стигнувајќи до заслужена победа.

Јотиќ и Остроушко со по осум гола беа најефикасни кај македонскиот претставник,  Митревски имаше 15 успешни интервенции, но и тоа беше премалку за да се избегне убедлив пораз во Португалија.

Се вчитува...