Нов шок од Вардар: Седлоски си поднесе оставка!

Неверојатни случувања во ФК Вардар на само два дена пред првиот меч од плејоф колото во Лигата на Европа против Фенербахче. Шефот на стручниот штаб Гоце Седлоски си поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Истакнува дека сакал тоа да го стори и по елиминацијата од ФК Копенхаген во ЛШ, но го прави сега, по поразот од Шкендија на стартот од првенството.

Писмениот став на Гоце Седлоски кој е објавен на официјалниот сајт на клубот, го пренесуваме во целост…

Почитувани,

Јас, Гоце Седлоски денес донесов одлука да си поднесам оставка од местото шеф на стручен штаб на ФК Вардар, за доброто на сите во клубот. Ова размислував да го направам уште после вториот натпревар со ФК Копенхаген кој што го загубивме. Сепак, успеав да соберам сили и да го започнам македонското првенство. После загубениот натпревар со Шкендија, овие два дена размислував добро и денеска ја донесов оваа одлука. Тие два порази ме погодија многу бидејќи јас како човек не сум навикнат да губам, но и фудбалскиот клуб Вардар не е навикнат на порази.

Горд сум на постигнатото. Успеавме да освоиме две титули во две години, а горд сум и на победата над Малме и пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, како и домашната победа со Копенхаген.

Сакам да се заблагодарам на играчите, управата и до сопственикот г-нот Сергеј Самсоненко од кој имав несебична поддршка во целиот период. Благодарност и до сите вработени во Фудбалскиот клуб Вардар. Жалам, дојде време да се разделиме. На фудбалскиот клуб Вардар му посакувам успех на европска сцена во плеј-офот од Лигата на Европа против Фенербахче, како и во домашното првенство и Купот на Македонија“.

Се вчитува...