Нов тест: Против Алжир мора многу подобро отколку со Кувајт

Македонските ракометари денеска со почеток во 15 часот ќе се сретнат со Алжир, во полуфиналето од турнирот „Трофеј Карпати“ што се одржува во Букурешт. Селекторот Данило Брестовац ги предупреди своите избраници дека не е најзадоволен од прикажаното на двомечот во Кувајт, а со оглед на фактот дека Алжир е многу поквалитетен ривал, јасно е дека кормиларот на националниот тим ќе бара далеку подобро издание од своите избраници.

„Натпреварите во Романија треба да бидат поквалитетни од оние што во Србија го одигравме со Кувајт. Нема уште многу време, во следните два дена ќе одиграме две средби, кои се последни шанси за докажување и изборување за место во националниот тим за ЕП 2020. Јас веќе реков дека сакам играчите да покажат карактер, за потоа на европскиот шампионат да не бидат само епизодисти, туку да дадат придонес во играта и резултатите на националниот тим. Не бев презадоволен од она што го видов против Кувајт, но очекувам подобра игра на дуелот со Алжир“ – изјави Брестовац.

Македонската репрезентација утре ќе го игра вториот меч на овој турнир (против победникот или поразениот од дуелот Романија – Холандија), по што веднаш ќе тргне на пат назад кон Скопје.

За понеделник е закажана прес-конференција на која се очекува селекторот Данило Брестовац да го објави списокот на патници за втората фаза од подготовките во Словенија.

Се вчитува...