Нов тренер, но ништо ново од Работнички: Струга ТЛ си замина со три бода од Скопје (ВИДЕО)

Не може да се очекува новиот тренер на Работнички Ален Тупајиќ веднаш да ги реши проблемите на „романтичарите“, но и тој во првиот меч не донесе ништо ново. Работнички денеска против Струга ТЛ не одигра ништо ново од она што го играше во првите 13 кола, па на тимот му следува жестока битка за опстанок, затоа што и Струга си замина со три бода од гостувањето во Скопје.

Уште во 11. минута од средбата поведе тимот на Струга ТЛ. По една добиена топка од десната страна, Јевтоски ја зафати и го совлада Василев. Во 21. минута од средбата Малески доби одлична топка, и излезе сам пред голот на Работнички, совладувајќи го чуварот на мрежата на домашниот тим.

Само што почна вториот дел, во 54. минута Работнички се врати. Центаршут од десната страна, па Трајков со глава успеа да донесе надеж дека „романтичарите“ може да си заминат непоразени.

Сепак, победникот беше решен во 70. минута од средбата, кога Мециновиќ стартуваше над Радески, по што беше покажен пенал, а сигурен реализатор беше Шабани, и покрај тоа што Василев за малку ќе му ја одбранеше топката. Струга ТЛ можеше да дојде и до поубедлива победа, но три пати гостите во вториот дел ја погодија стативата од голот на Василев.

Се вчитува...