Нов циркус на Антиќ и компанија: За селектор ставаат тренер што се тепаше пред триесетина кошаркарки

Женската кошаркарска репрезентација нема да продолжи под водство на Владимир Ѓоровиќ, иако актуелниот стратег на Струга направи забележителен напредок во играта и пристапот на националниот тим на првиот од двата балони во Рига (на вториот Македонија не играше поради голем број случаи на коронавирус пред тргнувањето за Летонија).

Одлуката за разделба од Ѓоровиќ е сама по себе дискутабилна, но уште почудно делува решението за нов селектор на Македонија – Александар Ашаданов, тренерот кој беше дел од претходниот стручен штаб на националниот тим. ЕКИПА дознава дека токму овој стручњак кој нема нечиси никакво искуство во сениорските категории (работеше како дел од стручниот штаб на Баскет Кам минатата сезона) е изборот на Перо Антиќ и Тодор Гечевски, пред новиот квалификациски циклус.

Ашаданов е познат на македонската јавност по работа со млади категории, но минатата сезона се „прослави“ по скандалозната тепачка со неговиот колега од КК Вардар, Александар Јованчев. Ашаданов пред крајот на сезоната имаше ангажман и во машкиот тим на КК Вардар (кој поради технички пропуст испадна во Втората лига) и во женската екипа на Баскет Кам, а токму пред дуелот на женските екипи на Вардар и на Баскет Кам во Македонска Каменица дојде до тепачка меѓу двајцата тренери, пред очите на триесетина кошаркарки на двете екипи.

КФСМ тогаш го стави „под тепих“ целиот случај иако за таков скандал требаше да бидат изречени казни, а сега отиде и чекор понапред – со унапредување на едниот од двајцата „тепачи“.

Како награда за професионалниот однос на теренот, но пред се надвор од него, младиот стручњак ќе биде унапреден во селектор на сениорската женска репрезентација. Да не е трагично би било многу смешно, но кога доаѓа од Антиќ, Гечевски и соработниците, веќе ништо не може да изненади.

Се вчитува...