Секој нов ден на СП 2026 носи нов „циркус“, исклучок не беше ниту овој денешниот, откако беше објавено дека Томас Парти ќе мора да ги пропушти првите две средби на Гана, затоа што не смее да влезе во Канада.
Парти допатува со репрезентативните колеги на тренинг-кампот во САД и се очекуваше да биде меѓу главните адути на својата репрезентација. Сепак, канадските власти денеска објавија дека не дозволуваат влез во земјата за поранешниот ас на Арсенал, кој е обвинет за силување во Англија.
Фудбалерот тврди дека е невин, судскиот процес се уште е во тек, но Канаѓаните сепак решија да не му дозволат да влезе во државата за да игра за Гана.
„ФИФА може да потврди дека Томас Парти нема да може да патува од тренинг-кампот на Гана во Бостон и да влезе во Канада за дуелот со Панама откако канадските власти му забранија влез во земјата. ФИФА не е вклучена во имиграциониот процес на земјите домаќини, вклучувајќи ги тука и издавањето на визите. Како и на претходните натпреварувања, земјата домаќин има право да реши на кого ќе му дозволи, а кому не, влез во државата“, се вели во соопштението на светската куќа на фудбалот.
Гана и вториот меч на мундијалот ќе го игра на канадско тло, против Хрватска во Торонто, меч за кој Парти повторно нема да биде во тимот.
Екс-фудбалерот на Арсенал своето деби на ова СП ќе може да го има дури во третото коло, во кое Гана на стадионот во Њу Џерси ќе се сретне со селекцијата на Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
