Францускиот репрезентативец Мајкл Олисе наводно и дефинитивно е решен да го напушти Баерн ова лето и да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“,со што би бил едно од најголемите имиња на овогодинешниот летен преоден рок.
Угледниот француски ‘Л’Екип’ тврди дека крилниот напаѓач на Баерн е целосно фокусиран на преселба во Реал Мадрид и дека својата иднина ја гледа исклучиво на „Сантијаго Бернабеу“.
Олисе веќе не ја криел својата желба дури ни во рамките на француската репрезентација. Наводно, тој побарал информации од соиграчите кои добро го познаваат Реал Мадрид и животот во шпанската престолнина, кои би можеле да му помогнат да го реализира трансферот.
Особено е важно што разговарал со Килијан Мбапе, кој веќе е член на „кралскиот клуб“, со цел да дознае што е можно повеќе детали за животот и работата во Мадрид.
Желбата на Олисе да се пресели во Реал станала вистинска опсесија
Иако Баерн нема намера да го продаде еден од своите најважни офанзивни играчи, сè повеќе се зборува дека Французинот би можел да биде едно од најголемите трансфер имиња ова лето.
Во баварскиот клуб, сепак, се обидуваат да направат сè за да го задржат.
Според француските медиуми, Дајот Упамекано во последните недели вложува големи напори да го убеди својот репрезентативен колега да остане во Минхен.
Освен пријателските шеги на сметка на евентуално заминување, Упамекано наводно истакнал дека секоја година Баерн има можност да се бори за најголемите трофеи и дека Олисе не треба толку брзо да размислува за промена на средината.
Сепак, тоа се чини дека не го променило ставот на 24-годишниот крилен напаѓач.
Засега нема потврда дека Реал Мадрид и Баерн започнале конкретни преговори, ниту дека е постигнат некаков договор меѓу клубовите.
Сепак, фактот дека еден од најпочитуваните француски спортски весници пишува дека Олисе е решен да го носи дресот на Реал, сигурно дополнително ќе ги поттикне шпекулациите пред продолжувањето на преодниот рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
