Нова битка во „Кале“: Работнички по израмнување, Пелистер по нов „брејк“

Пелистер направи брејк на стартот од полуфиналната серија против Работнички, по што денешниот втор меч (18 часот, СРЦ Кале“ уште повеќе добива на тежина и за двата тима. Серијата се игра до три победи, битолчани со победа би имале две „меч топки“ на домашен терен да заверат трето финале во низа, а на кошаркарите на Работнички им е јасно дека со тоа би се довеле во „невозможна мисија“ и затоа мора да сторат се за да стигнат до победата вечерва.

Незадоволството на навивачите го одбележа последниот пораз на Работнички, во меѓувреме „Сити парк бојс“ се јавија и со соопштение со кое не кријат дека бараат поголемо залагање од оние кои го носат црвено-белиот дрес, па останува да се види реакцијата на „центарци“ на денешниот меч. Работнички делуваше одлично во формата од почетокот на годинава, но начинот на кој беше декласиран од Пелистер пред неколку дена беше јасен знак до тренерот Самарџиев дека нешто ќе мора да се менува ако се сака да се стигне до големото финале.

Во таборот на Пелистер владееше задоволство по големата победа на првиот меч, пред се од одбраната која го лимитираше одличниот напад на „центарци“ на само 63 поени. Тоа би требало да биде формулата за успех и на денешниот дуел, ако „пелистерци“ успеат да ја повторат играта од пред неколку дена, но тренерот Дарко Радуловиќ e свесен дека тоа нема да биде нималку лесно.

„Победата беше одлична, но еуфоријата и славјето траеја кратко бидејќи сме свесни за предизвикот. Има уште многу за играње и од денеска продолжуваме со работа, за уште повеќе да напредуваме и да бидеме уште подобри на наредните натпревари. Веќе кажав, секој меч од оваа плејоф серија ќе биде различен, приказна за себе, затоа мораме да бидеме подготвени за вториот дуел во Скопје“, истакна тренерот на битолчани.

Се вчитува...