Нова бламажа на Мурињо: Ем играше со најдобрите, ем испадна од лига-купот на Англија

Манчестер јунајтед доживеа уште еден дебакл, овојпат во лига-купот на Англија откако „црвените ѓаволи“ загубија на домашен терен од Дерби по изведување на пенали, откако претходно се спасија во 94. минута од регуларниот дел од натпреварот (2-2). Срамот немаше да биде толку голем ако Жозе Мурињо не решеше да настапи со својот речиси најсилен состав, предводен од Лукаку и Марсијал во нападот, помогнат од Лингард, Матиќ и Мата во средниот ред… но и со таков тим не успеа да најде начин да го совлада Дерби предводен од Френк Лампард на клупата.

Мата на самиот почеток го донеесе домашниот тим во водство, најавувајќи лесна победа, но вторите 45 минути донесоа сосема поинаков развој на настаните. Вилсон постигна фантастичен гол од слободен удар за 1-1, по што голманот Ромеро уште повеќе се посрамоти добивајќи црвен картон за играње со рака надвор од својот шеснаесетник. Лукаку во ситуација со играч помалку го погоди само дирекот, по што Дерби од својата втора шанса успеа да направи целосен пресврт. И кога се чинеше дека гостите ќе приредат сензација, во 94. минута на вистинското место се најде Фелаини, кој погоди со глава и го одведе мечот во пенал-рулет завршница.

 

 

Првите петнаесет пенали беа прецизни, за прв да потклекна Фил Џонс, кој го промаши ударт за Јунајтед во осмата серија, за огромна радост на фудбалерите од Чемпионшип-дивизијата и нивниот сензационален пласман во четвртото коло од англискиот лига-куп.

Манчестер сити и со комбиниран состав славеше со 0-3 на гостувањето против Оксфорд, благодарение на головите на Хесус, Марез и на Фоден.

Бурнемаут по голема битка го совлада Блекбурн со 3-2 со голот на Вилсон во судиското продолжение, додека Кристал палас како гостин славеше над ВБА со убедливи 0-3.

Се вчитува...