Нова драма со Исланд, овој пат без победник: Македонија на пат кон ЕП 2020

Македонија е на добар пат кон Европското првенство 2020 откако ремизираше со Исланд (24-24) низ нов драматичен натпревар, овој пат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Со три бода од двомечот со Исланѓаните, македонските ракометари ја задржаа првата позиција во групата и веќе извесно сме повторно учесници на завршницата на најдобрите ракоменти нации на Стариот континент.

Низ тотално спротивен натпревар од оној во Рејкјавик пред четири дена, двете селекции преку жестока борба во одбраната го кроеја резултатот. Мечот почна со отворена агресија на гостите кои стигнаа и до предност од 3-5 на почетокот. Но, водени од одличниот на голот Борко Ристовски македонските ракометари до 18. минута стигнаа до пресврт од 7-6.

Со постојана промена на водство потоа до крајот, и игра гол за гол, Исланд на крајот од првите 30 минути заокружи на 10-11. Најефикасен кај Македонија во првиот дел беше  Филип Талески со три погодоци, а по два имаат Лазаров и Георгиевски. На македонскиот гол Борко Ристовски запиша одлични девет одбрани во првото полувреме

Второто полувреме почна со далеку подобра игра на Исланѓаните кои во третата четвртина од мечот дојдоа и до предност од 14-17 во 44. минута. Но, тоа беше се од гостите. Во следните пет минути до 50. минута избраниците на Данило Брестовац дојдоа и до водство од 20-18. Откако пропуштивме можност и за три гола предност, Исланѓаните во 53. минута повторно дојдоа на само гол негатива (21-20).

Во игра гол за гол, Исланд на три минути пред крајот дојде и до предност од 22-23, за да со извонредните погодоци на Кире Лазаров и Дејан Манасков на 150 секунди до финишот повторно Македонија води со 24-23. Сепак, Исланд со гол на пет секунди пред крајот дојде до посакуваното реми.

Одличен на голот на Македонија беше Борко Ристовски со 13 одбрани, а најефикасен во нападот беше капитенот Кире Лазаров со 8 погодоци. По четири гола постигнаа Дејан Манасков и Филип Талески. Кај Исланѓаните најефикасен беше Магнусон со осум гола.

По четири одиграни кола Македонија е на врвот од табелата со 5 бода, колку што има и Исланд. На третото место е Турција со 4 бода, а Грците се последни со два бода. Првопласираните две репрезентации од групата обезбедуваат учество на Европското првенство 2020.

Се вчитува...