Нова македонска драма: Зајков и Алиоски го неутрализираа киксот на Димитриевски (ВИДЕО)

Македонската репрезентација во драматичен натпревар успеа да стигне до реми (1-1) и со играч помалку во натпреварот против Грузија од 4. коло од Ц лигата во УЕФА Лига нации на националната арена „Тодор Проески“.

Македонија беше блиску до пораз, пред се поради грешката на Столе Димитриевски во 67. минута кој беше исклучен поради игра со рака надвор од шеснаесетникот. Но, неговиот кикс во самиот финиш успеаја да го неутрализираат Ѓоко Зајков, кој изнуди пенал, и Езгијан Алиоски кој успешно реализираше пенал за конечни 1-1.

По почетното испитување на силите, повеќе од 20 минути избраниците на Игор Ангеловски диктираа ритам на натпреварот во континуитет наметнувајќи опасност пред голот на противникот. Сепак, првата посериозна шанса следеше во 32. минута кога во мешаницата пред голот на Грузија беше блокиран ударот на капитенот Горан Пандев.

Пандев го водеше тимот низ првите 45 минути, најопасен по противничкиот гол, но не успеа да реализира и по најубавата шанса за погодок во 42. минута кога по нафрлањето на Николов од десната страна со глава од десеттина метри шутираше покрај голот на Грузијците.

Македонската селекција подобро го почна и второто полувреме. Во 54. минута повторно бевме блиску до водство по одличниот шут на Бобан Николов од околу 25 метри кој испрати вистина „бомба“, но Лорија одбрани.

По мирен период, голманот Столе Димитриевски доби директен црвен картон во 67. минута поради играње со рака далеку од својот шеснаесетник во поле, откако непотребно истрча на 25 метри пред својот гол во обид да спречи противничка акција. И, се чини тоа беше клучниот момент на натпреварот. Грузијците веќе во 74. минута ја искористија играчката надмоќност на теренот и со прекрасен погодок по соло-акција на Кваратчкелија дојдоа до водство од 0-1.

 

По оваа предност на гостите, Македонија и покрај играњето со играч помалку максимално притисна кон голот на Грузија. Во 87. минута следеше најубавата шанса по нафрлањето на Стефан Ристовски од десната страна, но во мешаницата сепак остана мрежата на Грузија нечепната. На спротивната страна во неколку акции на гостите Дамјан Шишковски одлично спасуваше да не биде дуплирана предноста на Грузијците.

Па, храбрата игра во финишот донесе резултат. Во 90. минута Зајков соборен во гостинскиот шеснаесетник, а во третата минута од судиското продолжение Алиоски успешно стрелаше од белата точка за конечни 1-1.

 

Ц ЛИГА – УЕФА Лига нации (4. коло)
МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА 1-1 (0-0)
Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Стрелци: Алиоски 90’+3 (М) – Кваратчкелија 74′ (Г). Црвен картон: Столе Димитриевски 67′ (М).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Зајков, Велковски, К. Ристевски (80′ Стојановски), Алиоски, Николов, Костадинов, Тричковски (80′ Велкоски), Пандев, Несторовски (70′ Шишковски)
Селектор: Игор Ангеловски
ГРУЗИЈА: Лорија, Џигаури, Кверквелија (70′ Качарава), Табидзе, Двали, Даушвили (70′ , Квеквешкири, Китеишвили (7′ Лобхаинидзе), Казаишвили, Гвилија, Квилитаија
Селектор: Владимир Вајс

Се вчитува...