Нова надеж за МЗТ Скопје – Приморска се распаѓа

Влегувањето на МЗТ Скопје во елитното друштво во АБА-лигата повторно е актуелно откако беше обелоденето дека Приморска се наоѓа пред тотален колапс. Управата на Приморска успеа да „купи два месеци“ најавувајќи дека ќе успее да најде излез од кризата, овој тим беше и ждребуван при одредувањето на календарот за АБА1, но според последните информации, клубот од Копер сепак нема да се натпреварува бидејќи се наоѓа пред згаснување.

Приморска е единствениот тим што нема потпишано ниту едно засилување (а го напуштија десетина квалитетни кошаркари), што беше причина овој тим да го откаже учеството и во Супер-купот на Словенија, што ќе стартува на 17 септември.

Тимот од Копер ја информираше федерацијата дека имаат проблеми со составувањето на тимот и затоа нема да можат да учествуваат на Супер-купот, натпреварување со кое вообичаено стартува кошаркарската сезона во Словенија“, информираат од Кошаркарската Федерација на Словенија.

Сумата од над два милиони евра долг се уште не е намалена иако беше најавено такво нешто, па затоа огромна е веројатноста дека Приморска во наредните денови и официјално ќе прогласи банкрот, откажувајќи се од натпреварувањето и во словенечкиот шампионат и во АБА-лигата.

Доколку тоа се случи, МЗТ Скопје ќе биде тимот што ќе го замени словенечкиот клуб во АБА1-лигата. Стартот на новата сезона еднаш веќе беше одложен, новиот датум за почеток е 2 октомври, но голема е веројатноста дека ќе биде одреден нов датум за старт, и тоа со турнири „во меур“ во еден град, каде би се играле повеќе натпреварувачки рунди во краток период.

Се вчитува...