Нова победа на шахистите, на делба на 34. место по девет одиграни кола

Машката шаховска репрезентација на Македонија славеше против Мијанмар со 3-1 во 9. коло на 43. Олимпијада во Батуми, Грузија.

Шахистите до триумфот стигнаа благодарение на победите на Панчевски и Николовски на последните две табли, а ремизираа велемајсторите Кирил Георгиев и Владимир Георгиев на водечките две табли.

По деветтото коло шахистите со 11 бода (пет победи, едно реми и три порази) се на делба од 34. до 59. место (51. место според број на освоени индивидуални поени), во конкуренција на 185 национални селекции од светот. На врвот е Полска со 16 бода, пред САД, Ерменија, Кина и Англија со по 15 бода. Понатаму следат Франција, Русија, Хрватска и Германија со по 14 освоени бода.

Дамите, пак, исто така запишаа триумф. Славеа против Алжир со 2,5-1,5 благодарение на победата на Стојковска на првата табла. На останатите три табли ремизиравме, доволно за триумф.

Дамите исто така по девет кола имаат 11 освоени бода и се на делба на 33. место во конкуренција на 151 женска селекција.

Се вчитува...