Нова ракометна небулоза: Играчите ќе играат за старите тимови на Ф4 во Келн?

Извршниот Комитет на ЕХФ покрај премиите од по 25.000 евра за Вардар и за останатите тимови што без борба беа елиминирани од Лигата на шампионите донесе уште една интересна одлука, поврзана со правото за настап на презакажаниот фајналфор турнир за крајот на годинава.

Проблем претставуваше фактот што дел од играчите веќе имаат договорено трансфери во други екипи, а сега се најавува дека ракометар би можел настапи на фајналфор турнирот за клубот за кој настапувал во текот на сезоната 2019/2020. Јасно беше дека презакажувањето на Ф4 на средина од новата сезона ќе создаде многу проблеми, но со ваквиот развој на настаните им се создаваат дополнителни главоболки и на тренерите и на самите ракометари.

Останува да се види дали и како оваа одлука ќе биде спроведена во дело. Има ситуации како онаа на Сандер Сагосен, кој летово се сели од ПСЖ во Кил. Нема сомнеж дека норвешкиот бек ќе биде клучен играч во нападот на „зебрите“, околу него ќе се вртат голем дел од акции, па ако тој мора да настапи за ПСЖ на претстојниот фајналфор турнир во декември, сериозно би биле намалени шансите на Кил за успех во „Ланксес Арена“. Воедно, се поставува прашањето каква би била улогата на Сагосен во тимот на ПСЖ за кој ќе нема воопшто тренирано повеќе од половина година, за да му се приклучи во декември и да игра Ф4.

Родриго Коралес, голманот на ПСЖ кој веќе го договори трансферот во Веспрем, исто така е погоден од оваа одлука.

Се вчитува...