Нова трансфер „бомба“: ПСЖ понуди 270 милиони евра за Кутињо

ПСЖ повторно е под истрага за трансферите на Нејмар и на Мбапе за нарушување на финансискиот фер-плеј пропишан од УЕФА, но францускиот првак нема намера да застане со носењето на врвни и скапи засилувања. Како што вели каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“, челниците на ПСЖ повторно сакаат да дојдат на шопинг во Барселона, овојпат по Филипе Кутињо.

Бразилецот во јануари пристигна од Ливерпул за вкупно 160 милиони евра (120 при трансферот, 40 преку неколку клаузули), но би можел експресно да си замине од „Камп ноу“ откако „светците“ испратиле понуда вредна неверојатни 270 милиони евра. Во ситуација кога односите со Барселона им се сериозно нарушени, првите луѓе на ПСЖ се свесни дека до договор можат да стигнат само доколку понудат нешто што нема да може да биде одбиено.

Крајната цел е – Нејмар да остане среќен, бидејќи Кутињо важи за негов најдобар пријател во бразилскиот национален тим. „Светците“ стравуваат дека Бразилецот би можел да инсистира на трансфер во Реал по преселбата на Роналдо во Јувентус, па затоа сакаат со ангажманот на Кутињо да се погрижат Нејмар да не помисли на заминување од „Паркот на принцовите“.

Првиот став на Барса е дека фудбалскиот генијалец не е за продажба, Кутињо има клаузула од 400 милиони евра, но каталонските медиуми тврдат дека постои простор за разговори, особено доколку ПСЖ во понудата вклучи и двајца играчи кои се желба на Барселона, Анхел ди Марија и Марко Верати.

Се вчитува...