Нова војна во ПСЖ: Тухел го навреди Нејмар

Нејмар одигра одлично против Анжер со еден гол и една асистенција носејќи му победа на тимот на ПСЖ. Сепак, доброто издание на теренот и победата не значеа и „мир во куќата на ПСЖ“ откако тренерот Томас Тухел веднаш по мечот упати критики на адреса на Нејмар. Поточно, тој јасно стави до знаење дека се сомнева во лидерските и човечките квалитети на Бразилецот посочувајќи дека нема намера да му ја даде капитенската лента следната сезона.

„Не разбирам зошто се прави притисок Нејмар да стане капитен… за мене тоа е јасно како ден, тој не е лидер во вистинска смисла на зборот за да му ја дадам капитенската лента. Тој е одличен играч, креативец, но за капитен на една екипа треба многу повеќе. Мора да се има почит, Тијаго Силва и Маркињос се нашите капитени и така ќе остане и во следната сезона“ – истакна Тухел.

Се чека одговорот на Нејмар, кој ионака не е пресреќен во Париз, па може да го искористи овој коментар на тренерот за да побара трансфер и заминување од „Паркот на принцовите“.

Се вчитува...