Новак: Ме наежи публиката на трибините – Имам надеж дека тенисот се враќа во нормала

Првиот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ изјави дека е среќен со враќањето на публиката на трибините и дека се надева дека Австралија опен во Мелбурн ќе има натпревари како овој, во кој го победи Французинот Жереми Шарди во првиот натпревар од овој турнир. Новак во изминатиот период имаше неколку критики од јавноста, но тој истакна дека сето тоа е позади него и дека враќањето на тенисот е супер вест за неговите колеги, но и за фановите на „белиот спорт“.

Србинот потенцираше дека присуството на публика на трибините е чекор поблиску до враќање на работите во нормала, па се надева дека со ваква одлична организација ќе бидат реализирани и останатите тениски турнири.

“Одлично е чувството да се види публиката на трибини повторно, моето срце е исполнето, се наежив. Тоа е една од работите за кои се надеваме дека ќе биде вратена во нормала и дека оваа пандемија конечно ќе заврши. Оваа глетка е прекрасна, благодарам, навистина ја ценам вашата поддршка. Понекогаш ги земаме работите здраво за готово, но јас сум благодарен што повторно ја гледам публиката”, изјави Ноле.

Српскиот тенисер годинава ја брани титулата во Мелбурн, а овој тирнир го започна со победа против Шарди 6: 3, 6: 1, 6: 2. Ова беше 14-та победа на Ѓоковиќ во 14-от дуел со Шарди.

“Имам многу убави спомени од Австралија и овој турнир, се надевам дека ќе имам многу одлични натпревари и годинава. Сакав да започнам добро, ова е посебна ситуација. Ова е мојот најуспешен тунрир. Секогаш кога ќе излезам на теренот, убавите спомени ми се враќаат“, заклучи Новак.

Се вчитува...