Новак преку атрактивна игра обезбеди пласман во осминафиналето на Ролан Гарос, следен противник е „жилавиот“ Мусети

Во денешното третото коло на Ролан Гарос, Новак Ѓоковиќ успеа лесно и убедливо да го совлада својот противник, Рикардас Беранкис со вкупен резултат од 3-0 (6-1, 6-4, 6-1). Најдобриот светски тениски рекет сигурно влезе во мечот и не му дозволи на ривалот да понуди било какво изненадување.

По почетниот убедлив гем на свој сервис, Новак го продолжи победничкиот ритам и за кратко направи брејк во вториот гем, па на тој начин дојде до предност од 2-0 уште на стартот од мечот. Првиот сет убедливо припадна на српскиот ас, обезбедувајќи резултат од 6-1. Во вториот сет Баераник успеа на моменти да се соземе и да се сконцентрира, но тоа траеше кратко, па мотивираниот Новак рутински дојде до освојување на вториот сет од 6-4. До крајот на мечот присутните на трибините уживаа во извонредните потези на Србинот, кој очигледно денес беше премногу инспириран за одлична и атрактивна игра. Со ваквиот пристап кон натпреварот, Новак без никакви проблеми го освои и третиот сет (6-1), а ова му донесе уште една нова победа и пласман во следното коло.

Во осминафиналето на Ролан Гарос, најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ ќе се сретне со Италијанецот Лоренцо Мусети.

Мусети се наоѓа на 76-та позиција на тениската АТП листа, а тој успеа да го победи својот сонародник Марко Цекинат по големата борба која се водеше во пет сета (3-6, 6-4, 6-3, 3-6, 6-3) за три часа и 10 минути игра.

 

 

 

Се вчитува...