Новак: Времето за тоалет треба да биде ограничено

Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, вели дека е потребно да се воведе временско ограничување за паузите на тенисерите за тоалетот, а во разговор со српските новинари, тој зборува и за тоа како се чувствува на теренот и зошто тој заминува надвор од Њујорк за време на турнирот.

Во второто коло на УС Опен, Ѓоковиќ го совлада Талон Грикспор со 6-2, 6-3, 6-2, а во третото коло го чека Кеи Нишикори.

„Размислувам само за Нишикори. Расположението е подобро (отколку после првиот натпревар), јас сум презадоволен од перформансите и нивото на тенисот. Се надевам дека ќе продолжам во таа насока, бидејќи противниците ќе бидат се потешки и потешки. Одлично го познавам Нишикори, сега игравме во Токио, таму победив доминантно и играв исклучително добро, но ова е Гренд слем, условите се различни. Тој ги забележа своите најдобри резултати во Њујорк, така што нема потценување, напротив, ќе бидам многу подготвен за борба“, изјави 34-годишниот Ѓоковиќ.

Претходните денови многу се зборуваше за паузите во тоалетот, пред се ова како тема го покрена Стефанос Циципас во дуелите со Енди Мареј и Адријан Манарин, па на оваа тема свој коментар даде и Ноле.

„Тој изјави дека ако не направил нешто што е против правилото, зошто го критикуваат? Ако го прекрши, тогаш треба да ги сноси последиците. Се согласувам со него до овде. Сепак, ги разбирам и Енди и Зверев, кои се побунија во последните неколку натпревари – Зверев во Синсинати, Енди тука. Сепак, треба да постои ограничување, каде што вие како играч чувствувате дека сте отсутни премногу долго и дека тоа влијае на противникот. Но, ако ги погледнеме правилата, тој не прекрши ништо“, рече Новак.

Ѓоковиќ својот мир сака да го најде надвор од Њујорк, па има и супер причина за ваквиот потег.

„Јас сум надвор од Њујорк. Останував со пријателите на имот во Њуџерси со години наназад за време на турнирот. Токму поради бучавата, вревата и сето она што е составен дел на Њујорк. Тоа е еден од највозбудливите и најзабавните градови во светот, затоа и останав во градот четири или пет ноќи, но кога се приближи турнирот, се преселив таму каде што сум поврзан само со природата. Таму го имам мојот мир, моето засолниште, кое ми помага да ги наполнам батериите и да го зачувам она што е потребно за турнирот – енергија, физичка, ментална и емоционална кондиција. Понекогаш сакам да се релаксирам, да шетам низ Централ парк, но главно сум надвор од Њујорк, тоа ми овозможува убаво да се релаксирам“, заклучи Србинот.

 

 

 

Се вчитува...