Новевски потпиша професионален договор со Војводина

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Владан Новевски го потпиша со новосадска Војводина својот прв професионален договор во кариерата.

Извонредните партии во младинскиот тим сезонава, издвојувајќи се како нескриен лидер на една од најпознатите фудбалски школи на Балканот, го принудија претходно и тренерот на сениорскиот тим Ненад Лалатовиќ да му ‘сервира’ на 18-годишниот Новевски и деби во црвено-белиот дрес и во Суперлигата на Србија. А, сето тоа сега заокружено со понудата од раководството на Војводина за потпис на професионален договор.

„Да се игра за клуб како Војводина е чест и привилегија. Со самиот потпис на професионален договор, ние неколку од младинската школа на клубот, покажавме и докажавме колку вредиме, колку всушност сме на вистинскиот пат и од нас тоа се очекува и низ продолжението од кариерите. Па, резултатите во иднина ќе зборуваат место нас“ – истакна Новевски по потпишувањето на договорот со Војводина.

Владан Новевски е еден од најголемите македонски таленти во селекцијата до 19 години која претходно обезбеди елитни УЕФА квалификации, но поради пандемијата на коронавирусот и одлуката на УЕФА да ги откаже истите не доби можност да се бори и за настап на Европско првенство.

Се вчитува...