Нови големи проблеми за МЗТ Скопје Аеродром – И Дамјан Стојановски позитивен на корона!

По тренерот Дарко Радуловиќ и капитенот на МЗТ Скопје Аеродром Дамјан Стојановски е позитивен на коронавирус, потврдија од македонскиот прволигаш. Поради проблемите со Ковид-19 и спречување на понатамошно ширење на вирусот од МЗТ побараа да биде одложен утрешниот дерби натпревар против Пелистер.

Во продолжение ви го пренесуваме целосното соопштени на клубот.

„Лошиот период во нашиот тим продолжува со веста која нѐ растревожи утринава дека позитивен на коронавирусот е и нашиот капитен, Дамјан Стојановски. И тој, како тренерот Дарко Радуловиќ, почувствува благи симптоми по средбата со Академија ФМП, по што веднаш замина во домашна изолација и се тестираше. Дека ова е сериозен проблем за нашиот тим, но и за сите наши претходни и идни противници, потврдува и фактот што уште двајца наши кошаркари чувствуваат благи здравствени проблеми, поради што и на нив им е закажано тестирање на Ковид-19. Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром со дозвола од нашиот противник Пелистер, побара одложување на утрешниот дерби-натпревар, со цел да се спречи понатамошното ширење на вирусот, како во нашиот тим, така и во битолскиот состав, кому сме му благодарни што веднаш излезе во пресрет. Здравјето на кошаркарите и на двете екипи е во првенствен интерес за управите на двата тима, поради што се надеваме дека и интенцијата на КФМ ќе биде заштита на играчите, меѓу кои има и многу репрезентативци. А, на нашиот капитен Дамјан му посакуваме лесно да го мине периодот во изолација, без никакви проблеми и да ја „нокаутира“ болеста со серија тројки и два-три атрактивни влеза, нешто што е заштитен знак во целата негова кариера.

Се вчитува...