Нови клубови за фудбалерите – нов „ветар“ и за репрезентацијата

ЕКИПА во Израел,

Никола Ѓуровски

Македонија како никогаш досега презентирана во Серија А со тројца репрезентативци, Елиф Елмас направи мегатрансфер од Фенербахче во Наполи, Илија Несторовски во новата сезона го носи дресот на Удинезе, а Александар Трајковски му се придружи на Енис Барди во Ла Лига и стана нов член на Мајорка. Висар Муслиу од Шкендија се пресели во Унгарија и го засили Фехервар.

По раздвижениот преоден рок, најдобрите македонски фудбалери се собраа за новиот предизвик, квалификациските дуели против Израел и против Летонија. За дел од нив, новите клубови донесоа и „ветар во грб“ и пред настапите во националниот тим.

„Убава промена, Мајорка е голем чекор напред за мене во кариерата, Ла Лига е една од најквалитетните лиги во светот. Но, сега сме тука дел од националниот тим и максимално сме фокусирани да оствариме добри резултати на претстојните два натпревари. Веруваме во нашите квалитети, уверени сме дека можеме да го совладаме Израел како и пред две години. Нема да биде лесно, но знаеме што треба да направиме. Доколку ја повториме играта од дуелот со Полска во Скопје, мислам дека тоа ќе биде доволно џа триумф. Не го потценуваме противникот, но, сепак, многу работи ќе зависат токму од нашето издание“, вели Александар Трајковски.

Елиф Елмас е максимално мотивиран по трансферот во Наполи, Несторовски исто така е повторно дел од Серија А, а сите се надеваат дека и капитенот Горан Пандев ќе може да истрча вечерва (20.45 часот) на теренот во Бер Шева иако има болки во слабините. Израел го освоивме пред две години, зошто тоа да не се повтори уште еднаш…

Се вчитува...