Нови корона-проблеми: Вардар не патува за Париз

Вардар најверојатно нема да го игра својот натпревар од шестото коло во Лигата на Шампионите во Париз против тимот на ПСЖ, откако експедицијата на „црвено-црните“ денеска не отпатува кон „градот на светлината“. „Вардарци“ требаше денеска околу пладне со чартер лет да полетаат за Париз, но сосема неочекувано летот беше откажан во „пет до дванаесет“.

ЕКИПА дознава дека станува збор за нови два случаи на Covid-19 во редовите на македонскиот првак, а поради стравувањето за ширење на вирусот меѓу останатите ракометари донесена е одлуката патувањето да биде откажано.

„Денеска нема да патуваме, тоа е се што можам да кажам“, кратко изјави за ЕКИПА првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски.

Неофицијално, „вардарци“ ја разгледуваат и опцијата да заминат во двонеделен карантин, што би значело и одлагање на нови натпревари од елитното европско натпреварување.

Францускиот првак денеска дури и пушти во продажба билети за мечот ПСЖ – Вардар, по цена од 30 евра, но повеќе од јасно е дека овој натпревар нема да се одигра утре, одлука што се очекува ЕХФ официјално да ја потврди во текот на денешниот ден.

Се вчитува...