Нови шест кошаркарски дуели пред репрезентативната пауза

Осмото коло од Првата лига започнува денеска со три натпревари од кои еден во Гевгелија и два во Скопје, а ќе биде комплетирано утре со уште три натпревари во Кавадарци, Скопје и Битола со што воедно ќе биде означен и почетокот на репрезентативната пауза.

Првиот дуел денеска започнува од 17 часот и 30 минути во салата „26ти Април“ во Гевгелија каде Кожув ќе се обиде да ја продолжи серијата од три победи едно по друго против МЗТ Скопје 2 кој ќе бара излез од серијата на порази која брои пет во низа.

Од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде одигран и натпреварот на колото во кој МЗТ Скопје ќе го пречека Гостивар. Дуелите на „сино-белите“ ретко кога разочаруваат, а дали „штрковите“ ќе ја продолжат победничката низа или пак на серијата од шест победи едно по друго ќе стават крај гостиварчани останува да видиме.

Од 20 часот и 30 минути во Аеродром ќе биде одигран и дуелот помеѓу Феникс 2010 и ТФТ. Новалијата сеуште не знае за пораз на домашен терен на кој беа совладани Академија ФМП, Ангели и Гостивар, а дали перфекцијата на „виолетово-жолтите“ ќе ја прекине ТФТ кој на овој меч бара враќање на победите останува да видиме.

Утре со почеток од 18 часот во салата „Јасмин“ Еуро Никел ќе бара влез во победничка низа, а Куманово предводен од новиот тренер Владимир Мирковски ќе цели кон прекин на серијата од шест порази едно по друго.

Од 19 часот пак во Кисела Вода ќе се одигра соседскиот дуел помеѓу Академија ФМП и Ангели на кој избраниците на Петровиќ ќе целат кон враќање на победите, а избраниците на Георгиевски ќе ја бараат историската победа во Првата лига.

Колото ќе биде комплетирано во Битола каде Пелистер го пречекува Работнички од 20 часот. „Зелено-белите“ по седум кола се уште не знаат за пораз, а дали нашиот најтрофеен тим ќе успее да ја пренесе добрата игра од претходното коло и во новото и ќе успее да го најде решението за Пелситер останува да видиме.

Се вчитува...