Новина во македонскиот фудбал: Скаутинг – платформа за следење на фудбалерите од странски клубови

Македонскиот фудбал мора да оди напред и да ги следи поразвиените земји во сите сегменти, а еден од оние што најмногу значат е да се направи спој со Европа и клубовите кои имаат желба да доведат засилување од нашите простори. Тука на сцена стапуваат фудбалските агенти, кои кај нас се ретка категорија, а еден од најуспешните е Никола Ѓошевски, кој ја води компанијата „Спортс Менаџмент Консалтинг“. Тој промовира една убава новина во македонскиот фудбал, во изработка е скаутинг – платформа за следење на нашите фудбалери од странски клубови.

„Искрено, не се доживувам како премногу успешен фудбалски агент. Во оваа работа, зад секој успешен менаџер стојат всушност фудбалерите кои имаат изградено своја респектабилна кариера, сопствен спортски имиџ и се барани од клубовите од странство. Ниту еден менаџер не може да продаде фудбалер кој не е веќе на радарот на клубовите во Европа. Нашата работа е да се посредува при трансферот, но клубовите секако веќе се заинтересирани за конкретниот играч“, објаснува Никола Ѓошевски.

Токму од овој агол, има и една интересна, можеби и поразителна анализа, дека само 1% од фудбалерите од Македонија успеваат да реализираат трансфер во странство. За да се помогне во оваа насока, и за да се направи чекор напред, „Спортс Менаџмент Консалтинг“ промовира скаутинг – платформа за следење на македонските фудбалери.

„Во недостиг на скаути на странски клубови кои би доаѓаале редовно да ги следат македонски мечеви, ние ќе создадеме скаутинг – платформа, на која ќе бидат имињата на фудбалерите од македонското првенство, а ќе можат да бидат видени во странство…во Полска, Романија, Грција, Израел, Украина, Русија, нашите соседи, во сите останати земји, каде клубови би биле заинтересирани за наши фудбалери. Тие можеби и нема да бидат под наше застапништво како менаџерска агенција, но ќе добијат максимална маркетиншка промоција за да бидат следени од клубовите ширум Европа. Покрај тоа, само најдобрите, оние за кои има интерес од Европа, прават трансфери во странство, а тоа е само 1% од фудбалерите во Македонија. Останатиот огромен процент – 99%, се трансфери внатре, во Македонија, каде исто така сакаме да создадеме пракса, како што е секаде во Европа, трансферите да се реализираат преку посредници, фудбалски агенти. Без разлика дали агентот е ангажиран од страна на фудбалерот, или пак од страна на клубот“, објаснува Ѓошевски.

Компанијата дава и правни услуги во сферата на фудбалот и спортот воопшто.

„Фудбалерот треба да знае што потпишува, какви се неговите права кога ќе се обврзе на договор. Некои млади фудбалери, нивните родители, не сакаат менаџери, туку само правна услуга. Тука е фирмата наша да им ги понуди тие услуги, правен кинсалтинг при одлучување во неговата фудбалска кариера. Тука, се разбира се и совети околу одредени финансиски инвестиции“, истакнува главниот човек на „Спортс Менаџмент Консалтинг“.

Фудбалот е одамна во бизнис во Европа, на фудбалерите им се потребни агенти за полесно да се снаоѓаат на трансфер – пазарот, а Македонија отсега ќе има и скаутинг – платформа која ќе биде благодет за фудбалерите, за да бидат следени од странски и домашни клубови.

Се вчитува...