Новиот Американец почна со тренинзи, се чека само уште Војдан

Американецот Итан Хап денеска го одработе првиот тренинг со македонската кошаркарска репрезентација, каде овој центар треба да биде наш значаен адут во квалификациите за Евробаскет 2025.

Хап го пропушти вчерашниот прв тренинг, но од денеска тој му е на располагање на селекторот Јончевски, кој го избра асот на Гран Канарија како интернационално засилување на местото на Ти-Џеј Шортс.

„Дефицитарни сме на високите позиции, без Симиќ и Младеновски од кои едниот целосно се откажа од кошарка, а другиот три месеци не беше во тренажен процес бевме принудени да се одлучиме за Хап кој и претходно доби државјанство. Тоа е повеќе стратешка околку изнудена одлука“- појасни селекторот за промената околу натурализираниот кошаркар.

Сега останува уште во селекцијата да го видиме и предводникот на теренот, Војдан Стојановски, кој ги „одработува“ терапиите кои ги препиша лекарскиот тим, кои треба да му помогнат да биде подготвен за првите предизвици во новиот квалификациски циклус, сега за Евробаскетот во 2025 година.

Македонија на стартот од новиот квалификациски циклус в петок ќе ја пречека Естонија, по што три дена подоцна ќе следи и гостувањето во Полска.

За потсетување, Македонија е дел од групата „Х“ во која се уште и репрезентациите на Литванија, Полска и Естонија. Три од овие четири селекции ќе обезбедат пласман на Европското првенство, со забелешка, дека Полска, како еден од ко-организаторите на наредниот собир на најдобрите европски селекции, има директен пласман на Евробаскетот.

Се вчитува...