БиХ извади нова генерација врвни фудбалери кои дадоа значаен придонес за пласманот на СП 2026, воедно и си ја кренаа цената на фудбалскиот пазар.
Еден од нив е дефанзивецот Тарикк Мухаремовиќ, 23-годишен фудбалер кој настапува во Сасуоло, но летово го очекува нов значаен трансфер. Како што јавуваат италијанските медиуми, Интер ќе биде новиот клуб на Мухаремовиќ откако одбранбениот ас ја прифатил понудата за петгодишна соработка со „нероаѕурите“.
Интересно е што тој до лани беше член на Јувентус, никогаш не доби шанса, но „старата дама“ при трансферот во Сасуоло вметна клаузула за 50% од следниот трансфер. Челниците на Јуве сакаа да ја искористат клаузулата за по „дампинг“ цена да го доведат босанскиот ас, но Мухаремовиќ јасно ставил до знаење дека Интер е клубот чии бои сака да ги брани почнувајќи од следната сезона.
Веќе во тек се преговорите со Сасуоло, а италијанските медиуми најавуваат дека Интер ќе бара начин да го изигра Јувентус. Имено, клаузулата за 50% се однесува само на парите платени за перманентниот трансфер, така што Мухаремовиќ речиси сигурно ќе биде најпрвин позајмен на “Џузепе Меаца“ за сума од осум до десет милиони евра, за останатите 12-15 милиони да бидат платени следното лето за перманентен трансфер (така Јуве би заработил само 7,5 наместо најмалку десет милиони евра од вметнатата клаузула).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
