„Новиот Интер“ на Конте делува моќно

Интер во голем стил на почна новата сезона во Калчо-лигата, лесно и убедливо славејќи над Лече со резултат 4-0. Навивачите на „нероаѕурите“ со оптимизам го очекуваа стартот на сезоната со надеж дека под водство на Антонио Конте нивниот тим повторно ќе може да се бори за трофеи, а првите впечатоци дефинитивно се позитивни.

„Пулените“ на Конте одиграа квалитетен натпревар, а блескаа двете засилувања, Сенси и Лукаку, кои покажаа дека ќе бидат клучни играчи во средниот ред, односно нападот, во новата сезона. Првиот погодок беше ремек-дело на Брозовиќ, а веднаш потоа на 2-0 зголеми Сенси.

Лукаку поголемиот дел од мечот несебично се обидуваше да го проигра Лаутаро Мартинез, но кога му се укажа шанса Белгиецот рутински реализираше по една одбиена топка. Конечните 4-0 со еврогол ги постави Антонио Кандрева, поранешниот ас на Лацио кој долго време се мачеше во Интер, но денеска делуваше извонредно по десната страна.

Факт е дека и противникот не е од највисока класа, па интересно ќе биде да се види дали Интер ќе одигра на слично ниво и на првото овосезонско гостување, следниот викенд на „жешкиот“ терен на Сардинија против Калјари.

Се вчитува...