Ново шоу на Мурињо: Кога може Федерер, може и Манчестер јунајтед

Жозе Мурињо во одлично расположение допатува во Швајцарија, каде со Манчестер јунајтед утре на гостувањето против Јанг бојс ќе ја стартува својата нова авантура во Лигата на шампионите. Британските медиуми во изминатите денови многу пишуваа за подлогата за игра на стадионот во Берн, каде е поставена вештачка трева, но Мурињо на оригинален начин одговори на прашањето на оваа тема, воедно и откривајќи дека е голем фан на Роџер Федерер.

„Не сакам таа пластична подлога да ја користам како можен изговор. Сите знаат дека таа подлога е поинаква од останатите и тоа е тоа. Ние сме во Швајцарија, земјата на еден од најдобрите светски тенисери. Сигурно и тој не е најсреќен кога некогаш игра на некои подлоги што не му одговараат. Тој излегува на терен, игра на секоја подлога и победува. Кога може Федерер, може и Манчестер јунајтед“ – истакна Мурињо.

Португалецот досега има водено екипи на два натпревари во Швајцарија, при што неочекувано претрпел два порази.

„Точно е, два пати загубив, но и во двата случаи го освоив првото место во групата. Ако сега ми понудите утре да загубам, а да бидам прв, веднаш ќе ви потпишам дека прифаќам“ –  порача стратегот на Манчестер јунајтед.

Се вчитува...